Електрични возила

Прв Атестиран и Регистриран

електромобил во Македонија

Разглед на Скопје во електромобили во ретро-стил

Директорот на „Градски паркинг“, Борче Јакимовски, смета дека ретро-дизајнот на електромобилите ќе биде попривлечен и ќе биде нешто ново во градската туристичка понуда. Тие ќе имаат изглед на стари автомобили, олдтајмери, пишува Дневник.

- Набавката ја правиме со цел да се зголеми атрактивноста со овие олдмобили. Сметаме дека на овој начин ќе привлечеме повеќе туристи. Истовремено, тие ќе имаат повеќе седишта одошто постојните: четири плус две - изјави Јакимовски.

Со набавката на овие седум електроавтомобили, возниот парк на „Градски паркинг“ ќе порасне на 12 еколошки возила на електричен погон. Цената за изнајмување ќе биде иста и за постојните и за ретро-возилата - 50 денари за половина час.

Освен електромобилите, во рамките на проектот „Електра“, веќе се набавени електротротинети, кои ќе се изнајмуваат по 100 денари на час. Овие возила с` уште не промовирани во јавноста.

За намалување на загаденоста на воздухот „Градски паркинг“ располага и со 250 велосипеди, кои се дел од проектот „Изнајми велосипед“.

- Сите овие велосипеди, и електро и обичните, овозможуваат зголемена мобилност на граѓаните и на посетителите на Скопје, како и достапност до сите знаменитости од културно-историско значење. Велосипедите може да се употребуваат како алтернативно превозно средство, особено во централното градско подрачје, што значи намалување на нивото на штетни гасови во воздухот и почиста животна околина. Исто така, електровелосипедите се добра можност за исполнување рекреативни и туристички цели – велат од претпријатието. Електровелосипедите, кои во моментов се 10, ќе бидат достапни за изнајмување само на една локација, на плоштадот „Македонија“, исто како и електромобилите. Цената за возење со нив е 100 денари за 20 минути. Обичните велосипеди, пак, може да се изнајмат на јавните паркиралишта „Треска“, кај Градската болница, кај Општата болница „8 Септември“, во Аеродром зад ТЦ „Бисер“, како и во катната гаража „Св. Kирил и Методиј“.